Виктор Вембанјама уште еднаш покажа дека на кошаркарскиот терен може да направи нешто што ретко кој би го замислил. Францускиот кошаркар приреди несекојдневен потег на натпреварот меѓу Сан Антонио Спарс и Лос Анџелес Клиперс, откако наместо очекуваното забивање, постигна кош со шут од непосредна близина над обрачот.
Сан Антонио славеше со 124-112, а Вембанјама беше најзаслужен за триумфот со 32 поени и 11 скока, додавајќи и три асистенции.
Необичната ситуација се случи во последната четвртина, на нешто повеќе од три и пол минути до крајот. По промашувањето на Руи Хачимура и скокот на Стефон Касл, следуваше долго додавање кон Вембанјама, кој се најде сам пред противничкиот кош.
Сите очекуваа спектакуларно забивање, но францускиот центар реши да направи нешто поинакво. Наместо да ја забие топката во обрачот, тој изведе краток шут од височина над самиот обрач и ја смести топката во кошот. Овој потег доби и необичен назив – „Shunk“, комбинација од зборовите шут и забивање.
По натпреварот, Французинот откри и зошто се решил на ваква необична завршница. Имено, тој има болен плускавец на средниот прст од десната рака, кој му создава проблеми поради честите забивања.
„Секојпат кога забивам, ме боли. Го влечам овој плускавец веќе долго време и навистина ми создава голема болка. Ако можам да го избегнам забивањето, го правам“, објасни францускиот ас.
И покрај проблемот, Вембанјама продолжува со фантастичните настапи и е меѓу најдоминантните играчи во НБА-лигата оваа сезона. Неговиот најнов потег е уште еден доказ за неговата уникатност и неверојатните физички предиспозиции.


