Екипата на Партизан оствари уште една исклучително важна победа во обидот да се пласира во разигрувањето од Евролигата.
Откако пред два дена славеа во Болоња, „црно-белите“ вечерва го освоија Монако, совладувајќи го актуелниот шампион на Франција со 86-69. Партизан одигра еден од своите најдобри натпревари оваа сезона и ако му се погодат резултатите на директните конкуренти, може на осум кола пред крајот да стигне до осмото место на табелата.
Повторно клучен фактор за победата беше играта во одбрана, особено во второто полувреме во кое белградскиот тим прими само 29 поени. Од голема важност е и тоа што вечерва победи со поголема разлика, отколку што загуби од Монако на домашен терен, па во случај на идентичен биланс со Монако, ќе има предност на табелата.
Партизан ги имаше тројцата најефикасни играчи на овој меч: Браун со 18, Џонс со 17 и Дејвис со 15 поени. Прв стрелец на Монако беше Калатер со 14 поени, а тотално разочара Мајк Џејмс кој и покрај 13. поени, за два шутираше 0/7.


