Париз се врати на челната позиција на табелата во француското првенство откако вечерва славеше во дербито со Асвел на домашен терен со 111-96.
До триумфот, тимот од француската престолнина стигна по големиот пресврт во второто полувреме откако по 20 минути игра гостите водеа со 15 разлика (64-49), а на стартот од третиот период ја достигнаа највисоката предност (67-51). Тогаш почна мега-пресвртот кој кулминираше со серијата од 15-0 за водство од 82-75. Асвел во последната четвртина ја врати неизвесноста откако намали на само четири разлика, но со девет поени по ред Париз стави точка на сите дилеми.
Убедливо најдобар играч на натпреварот беше македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс кој за 26 минути на теренот, постигна 30 поени, 12 асистенции и 5 скока за индекс 42. Ниеден од останатите кошаркари од двете екипи не беше ни блиску до неговиот ефект на овој натпревар.
Селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски се уште не го објавил списокот на кошаркари за дуелите со Естонија и Полска, но ако на тие два меча настапи Шортс, ќе имаме големи шанси за триумф и пласман на континенталниот шампионат.


