Најтрофејниот литвански тим Жалгирис се соочува со големи проблеми пред продолжението од Евролигата откако за краток период остана без двајца важни кошаркари во тимот.
Прв си замина американскиот интернационалец Лони Вокер кој се врати во НБА лигата и потпиша двегодишен договор со Филаделфија. Тој беше член на Жалгирис само четири месеци откако пред крајот на октомври дојде како големо засилување во тимот од Каунас. Тој беше втор најдобар стрелец на Жалгирис оваа сезона и неговото отсуство сигурно ќе биде тешко да се покрие.
Денеска клубот објави дека се разделува со Томас Димша кој спогодбено го раскина договорот и се пресели во Сарагоса. Тој беше член на Жалгирис од 2020 година, а претходно таму играше од 2009 до 2015 година.
Во пресрет на последните осум кола од основниот дел на Евролигата, Жалгирис се наоѓа на 13. позиција на табелата со биланс 12/14 и има две победи помалку од десеттопласираната Олимпија Милано.


