Поранешниот шпански репрезентативец Серж Ибака ќе остане во Реал Мадрид уште некое време и покрај незадоволството кое тлее во него.
Тој не сакаше да се врати во Мадрид по репрезентативната пауза и побара трансфер во друг клуб, но по разговорите со тренерот Чус Матео и управата на клубот, сепак, ја сменил одлуката. До кога ќе трае ова, не се знае, но јасно е дека Ибака ќе биде дел од тимот на претстојните важни натпревари од Евролигата и шпанското првенство.
Конгоанецот со шпански пасош беше незадоволен од третманот на Матео кон него што кулминирало по неуспехот во Копа дел Реј каде Реал доживеа тежок дебакл во финалето од Уникаха. Веднаш по тој меч, Марка објави дека Ибака и Денис Смит ќе си заминат од тимот, но засега двајцата остануваат дел од Реал.
Гигантот има исклучително тешка и лоша сезона и постои опасност да не успее да се пласира во разигрувањето за титулата од Евролигата.


