Хрватската репрезентација првпат во својата историја нема да учествува на Европско првенство откако не успеа да ја помине квалификациската група во која беа уште БиХ и Франција.
Ривал ѝ беше Кипар, но селекцијата на оваа земја имаше директен пласман на шампионатот, како ко-домаќин. Одлучи двомечот со БиХ во кој Босанците беа подобри за неколку поени, па Хрватска најверојатно ќе биде единствената селекција која со три победи во групата нема да се пласира на континенталното првенство.
Огромен е очајот во земјата која ги имаше Дражен Петровиќ, Тони Кукоч, Дино Раѓа и која пред нешто повеќе од три децении му парираше на Дрим-тимот во финалето од Олимписките игри во Барселона. Сите медиуми во Хрватска се преплавени со коментари и анализи на оваа тема, но нацијата дополнително ја изнервира изјавата на лидерот на сегашната генерација Марио Хезоња, дадена по синоќешниот пораз од Франција.
„Што е важно што нема да играме на Европското првенство. Дадовме се од себе, горд сум на целиот Хрватски кошаркарски сојуз, на стручниот штаб и играчите. Сега е најважно да ги одмориме главите од се, дури може и добро ќе ни дојде оваа пауза за да видиме што ќе правиме во иднина. Ги имаме сите услови, Сојузот ни овозможи се, одиме понатаму и идната година повторно ќе го нападнеме врвот“, изјави Хезоња, а цела Хрватска остана во прашалници, на кој врв мислеше кошаркарот на Реал Мадрид.
„Коцкестите“ ги очекува настап во претквалификациите за Светското првенство во 2027 година каде ќе игра и репрезентацијата на Македонија. Хрватите се жалат и на системот на ФИБА бидејќи во нивната група заврши Кипар, селекција која беше во последниот шешир, а има загарантиран настап на првенството. Сигурни се дека ако беше друг ривал од последниот шешир, тие ќе го продолжеа континуитетот на настапи на европските првенства.


