Утрешните десет натпревари од квалификациите нема да имаат никакво резултатско значење бидејќи вечерва е комплетиран списокот на учесници на претстојното Европско првенство.
Последни виза добија репрезентациите од групата Д, Германија, Црна Гора и Шведска, како и Исланд кој вечерва славеше на домашен терен против Турција, па тие им се придружија на останатите 20 селекции кои уште во петокот имаа изборен пласман на континеталниот шампионат. Извисија Унгарија и Бугарија кои ги освоија последните позиции во своите групи и одат во претквалификациите за Мундобаскетот.

Европското првенство ќе се одржи од 27 август до 14 септември во четири држави, односно градови: Кипар (Лимасол), Финска (Тампере), Летонија (Рига) и Полска (Катовице). Ко-домаќин требаше да биде и Украина, но поради војната, оваа држава не беше во можност да го организира шампионатот и на нејзино место влезе Полска. На крајот, украинската репрезентација е една од осумте која не успеа да ги помине квалификациите.
Титулата ќе ја брани Шпанија, а светскиот шампион Германија дури вечерва, во последното коло го потврди своето учество.


