Иако пред три години со големи амбиции се врати во Евролигата, престојот на Виртус во елитното натпреварување би можел да биде мошне краток.
Италијанскиот тим се спомнува како најсериозен кандидат за напуштање на Евролигата, нешто слично како Валенсија минатата година. Во прашање не се само лошите резултати, туку и финансиските проблеми со кои се соочува клубот, а кои датираат од пред почетокот на оваа година.
Се почна со расколот во управата, меѓу сопственикот и генералниот директор, Масимо Занети и Баралди по што овој вториот го напушти Виртус. Генералниот спонзор, чиј претставник е Занети, до лани издвојуваше 14 милиони евра годишно, а сега таа сума изнесува 6 милиони евра.
Поранешниот тренер Лука Банки на време сфати каква е ситуацијата во Виртус, па си замина во почетната фаза од сезоната и на негово место дојде Душко Ивановиќ. Со него ништо не се смени, тимот од Болоња и натаму е во долниот дел од табелата, без реални шанси, но се чини и без желба да дојде до местата кои водат во разигрувањето за титулата. Се чини дека излегувањето од Евролигата би можел да биде најмал проблем за клубот кој, ако нешто не се смени, ќе ја доживее судбината од пред две децении кога беше исфрлен од елитата поради финансиски неволји.


