Неколку дена по завршувањето на квалификациите за континенталниот шампионат, ФИБА направи Power ranking, прогноза за пласманот на секоја селекција која ќе учествува на Еуробаскетот.
Прв фаворит за титулата на ова натпреварување, според ФИБА, е Србија која квалификациите ги заврши со максимален ефект (6/0), првпат откако се игра по овој систем. Светскиот вицешампион беше во група со Грузија, Финска и Данска и лесно го освои првото место.
„Србија не само што лесно се пласира на Европското првенство, туку тоа го направи продолжувајќи ја познатата српска кошаркарска култура – играње одбрана за што најдобар доказ се 376. примени поени или во просек по 63 на натпревар. Тоа е најмал број примени поени во квалификациите за Европското првенство, а ако Србите така играат одбрана и имајќи го предвид нивниот офанзивен потенцијал, јасно е дека можат да одат до крајот на шампионатот“, се вели во анализата на ФИБА.
Србија никогаш не била европски шампион откако се одвои од Црна Гора, а последниот трофеј го освои во 2001 година кога државата се викаше СР Југославија. На претходното првенство не се прослави и испадна уште во осминафиналето, од Италија.
Зад Србија, на ранкингот се Франција, Летонија и Грција, светскиот шампион Германија е на петтото место, а европскиот првак Шпанија е дури осми.


