Иако неодамна првиот човек на АБА, Милија Војиновиќ изјави дека добил цврсто уверување дека победникот во регионалното натпреварување идната сезона ќе учествува во Евролигата, работите последните денови драстично се менуваат.
Промената во меѓународната политика навестува дека од есен, во елитното европско натпреварување би можеле да се вратат руските екипи, а тоа ќе придонесе некои од сегашните учесници да не добијат право на настап, односно специјални покани. Тоа се однесува и на шампионот во АБА што би можело да значи дека на сегашните учесници во Евролигата, Партизан и Звезда нема да играат идната сезона.
„Сите договори на АБА лигата, спонзорските и со Евролига, важат до завршувањето на сезоната 2024/25. АБА има приоритет при доделувањето на специјалните покани, но на нашите клубови им беше баран голем износ за партиципација, од еден милион евра што не е малку. Оваа сезона верувам дека шампионот на АБА пак ќе има приоритет, меѓутоа уште не знаеме дали ќе постои уште некој услов. Финансиските услови мислам дека ќе можат да бидат исполнети, ако се работи за нешто друго, ќе видиме“, рече Војиновиќ.
Последните три сезони во Евролигата играат двата српски клуба, но ако Русите се вратат, не постојат речиси никакви шанси повторно Партизан и Звезда да се најдат во европската елита. Извесно е дека таму ќе го нема Виртус, но што ќе се случува со другите клубови кои немаат А-лиценца, ќе се знае веројатно летоска.


