Гостувајќи во едно телевизиско шоу, тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ откри дека минатата сезона поднел оставка на својата функција.
Јавноста досега не беше запозната со таа негова одлука иако на крајот се премислил на инсистирање на играчите и останал на клупата на „црно-белите“.
„По еден пораз, им реков на моите асистенти дека повеќе немам никакво влијание на играчите и затоа треба да преземам нешто, а според моето убедување, најдобрата одлука беше да поднесам оставка. Им објаснив на помошниците и тие не рекоа ништо, па јас тоа го сфатив како одобрување.
Им се заблагодарив на асистентите и играчите и заминав дома. Кога стигнав, претседателот Остоја Мијаиловиќ ми се јави и ми рече да размислам уште еднаш за одлуката. Потоа, еден по еден почнаа да ми ѕвонат и играчите и да ме молат да се премислам, а јас им реков: Ако сакате да останам, мора да се смените. На крајот, седнавме сите како тим и одлучивме да продолжиме заедно, но да се однесуваме и функционираме како тим“, откри Обрадовиќ.
Минатата сезона не беше најдобра за него и за Партизан. Тимот не освои ниеден трофеј, а дури не успеа да стигне во плејофот од Евролигата по што Обрадовиќ направи комплетен ремонт на ростерот.


