На пет кола пред крајот на основниот дел од драматичната сезона во Евролигата, Олимпијакос е првиот тим што обезбеди пласман во плејофот.
Тоа го направи на најслаткиот можен начин – со минимална победа против најголемиот ривал и бранител на титулата Панатинаикос, со 76-74, во меч во кој имаше предност и од 19 поени разлика, а потоа се спасуваше во последните секунди. ПАО успеа да се доближи на само два поена, на половина минута пред крајот, во следниот напад Милутинов промаши и му остави десетина секунди на гостинскиот тим за да дојде до израмнување или победа.
Одговорноста ја презеде Костас Слукас кој се обиде за тројка, но неговиот шут беше крајно непрецизен и заврши во таблата. Тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман сметаше дека има лична грешка при шутот и протестираше, но судиите не го прифатија тоа.
Ова беше осма победа по ред за Олимпијакос кој сега има биланс 22/7 и е недостижен за седмопласираната Црвена Звезда. Во последните пет кола ќе се обиде да ја задржи првата позиција на табелата, но таа може да му донесе дуел против Реал Мадрид во четвртфиналето.


