Еден ден откако излезе информацијата дека Ненад Димитријевиќ би можел да си замине од Олимпија Милано, рускиот портал championat.ru објави дека за него веднаш се заинтересирал Уникс.
Клубот од Казан е многу добро запознат со квалитетите на македонскиот репрезентативец бидејќи тој беше негов член две години и во тој период Уникс освои титула во ВТБ лигата, а Димитријевиќ еднаш беше прогласен за МВП на финалната серија и еднаш на основниот дел од сезоната. Според порталот, претставници на Уникс веќе стапиле во контакт со нашиот плејмејкер и нема да биде изненадување ако наскоро биде постигнат договор за нова соработка.
Меѓу другото, иако се мали шансите, постои можност Уникс идната сезона да учествува во Евролигата, па Димитријевиќ повторно би бил дел од елитното европско натпреварување.


