Иако десеткувана и практично без центар, Црвена Звезда направи големо изненадување откако вечерва го совлада лидерот на табелата Олимпијакос во Пиреја со 81-73.
Веројатно малкумина можеа да предвидат ваков исход, не само поради проблемите со кои се соочуваше белградскиот тим, туку и поради тоа што во Грција замина со серија од три порази, додека Олимпијакос имаше шест победи по ред. За да го пополни ростерот, Звезда мораше да регрутира кошаркари од младинската школа, но и во такви услови успеа да го најде патот до триумфот. Во српската спортска јавност, поразот во Пиреја веќе беше запишан и мислите беа насочени кон следните натпревари во Евролигата.
Во првото полувреме блескаше Рокас Гиедраитис кој во тие 20 минути погоди четири тројки од пет обиди, а во клучните моменти, кога Олимпијакос ја стопи негативата и се доближи на само три поени разлика на сцена стапија Недовиќ и Милер Мекинтаер со неколку значајни реализации кои го откажаа домаќинот и голем фаворит на овој меч.
На крајот, Звезда погоди 13 тројки од 26 шута, а и покрај тоа што имаше проблеми на центарската позиција, имаше само еден скок помалку од фаворизираниот противник. Со овој триумф, “црвено-белите“ направија огромен чекор кон плејофот бидејќи на четири кола пред крајот на основниот дел имаат биланс 17/13 и останаа на шестата позиција на табелата. Во финишот играат со Виртус, Реал и Анадолу Ефес дома и Панатинаикос на гостински терен и се со големи шанси да завршат во топ-6.


