Екипата на Партизан доживеа еден од најтешките порази во Евролигата последните години и тоа на натпревар на кој по ниедна цена не смееја да си дозволат да загубат.
Пред своите навивачи, „црно-белите“ загубија од Анадолу Ефес со 65-97 и освен тоа што паднаа на 12. место, драстично си ги намалија шансите за пласман барем во плејинот. Со оглед на релативно тешкиот распоред во последните четири кола, би било чудо ако Партизан успее да влезе во разигрувањето за титулата.
Иако се очекуваше жестока борба, но и доминација на домашниот тим, такво нешто воопшто не се случи. Партизан поведе со 2-0, подоцна три пати беше израмнето, а се останато беше на страната на Анадолу Ефес. По серијата од 12-0 во вториот квартал, турскиот тим отиде на 44-26, а на голем одмор се замина со 54-33 за гостите.
Понижувањето на Партизан продолжи во третата четвртина кога предноста на Ефес изнесуваше и 32 поена, за во финишот од мечот да дојдат и највисоките +34 (97-63).
Во последните четири кола, белградскиот тим дома игра со Алба и Реал, а гостува кај Баерн и Жалгирис, натпревари од кои мора да извлече најмалку три победи ако сака да ги задржи шансите за пласман во плејинот.


