Како се ближи крајот на сезоната, така растат проблемите во тимот на Виртус, во сите натпреварувања во кои учествува.
Тимот од Болоња вечерва го доживеа четвртиот пораз во низа откако загуби на гостувањето кај Трст со 78-85. Виртус водеше безмалку цел натпревар, имаше +11 во вториот период, но во последната четвртина доживеа тотален колапс. Трст направи серија од 15-0 и во финишот влезе со предност од 79-68 што за Виртус беше недостижно.
За тимот на Душко Ивановиќ ова беше уште една пропуштена шанса да го преземе врвот на табелата и постои можност по 22. круг да падне дури на петтата позиција. Среќна околност е тоа што меѓу себе играат екипите од првото до петтото место, па разликата секако ќе остане мала.
Екипата бележи катастрофални резултати и во Евролигата каде се наоѓа на претпоследната позиција на табелата со само седум победи оваа сезона.


