Актуелниот шпански првак Реал делумно ѝ се одмазди на Уникаха за поразите во двете финалиња оваа сезона и ја совлада со 107-105 како гостин во еден од најубавите натпревари во историјата на АЦБ лигата.
Мечот ќе остане запамтен по големиот пресврт што го направи Реал во последната четвртина, но и по рафалната стрелба на домашните кошаркари. По три квартали, Уникаха водеше со 10 разлика (78-68), но во последниот, Реал постигна 39 поени со што ја анулира негативата и дојде до исклучително важен триумф во борбата за првото место.
Уникаха не успеа да победи и покрај тоа што нејзините кошаркари беа мошне расположени за шут од дистанца. Играчите од Малага погоди рекордни 23 тројки, но не и клучната, за победа, со звукот на сирената, во обидот што го имаше Тајтон Картер кој иако најефикасен, излезе трагичар на неговиот тим.
Картер го заврши натпреварот со 24 поени, исто колку што имаше и Муса на спротивната страна. За Реал ова беше 12. триумф по ред во домашното првенство во кое се уште нема пораз во 2025 година.


