На три кола пред крајот на основниот дел во Евролигата, присутна е невидена неизвесност и во борбата за плејофот и за плејинот.
Дури осум екипи, од петтата до 12. позиција на табелата се на само две победи разлика и сите тие имаат шанси да влезат во разигрувањето за титулата. Интересна е ситуацијата со белградските клубови Црвена Звезда и Партизан, крвни непријатели кои сега ќе навиваат еден за друг.
Партизан вечерва игра со Баерн кој во моментов има идентичен биланс како Црвена Звезда која, пак, утре го пречекува Реал Мадрид. Триумф на „црно-белите“ во Баварија ќе и овозможи на Звезда да остане во топ-6, без разлика на исходот од својот меч, но во исто време Звезда може да му направи услуга на Партизан ако победи Реал бидејќи четата на Жељко Обрадовиќ така ќе добие шанса да се израмни со „кралскиот клуб“ и во последното коло во директен дуел со него, евентуално, да одлучува кој ќе оди понатаму.
Сепак, за да останат во конкуренција за место во плејофот или плејинот, Звезда и Партизан прво треба да ја завршат својата работа, без разлика на резултатите на останатите екипи.


