Создавањето на НБА Европа се уште е во почетна фаза, но веќе на површина излегуваат имињата на лицата кои ќе го водат натпреварувањето.
Најсериозен кандидат за функцијата извршен директор во моментов е шпанската кошаркарска легенда и член на НБА Куќата на славните, Пау Гасол. Со оглед на неговото искуство, како и играчките и човечки квалитети, тој е можеби и најлогично решение за новата организација.
„Пау Гасол е личност со исклучително силни конекции и во НБА и во европската кошарка бидејќи е една од најреспектираните и најпопуларни фигури во овој спорт во светот. Неговите достигнувања зборуваат најдобро за каков човек станува збор, а изборот за извршен директор го одобрија иб гувернерите на НБА“, тврдат извори од НБА за европските медиуми.
Гасол е член на Интернационалниот олимписки комитет, а како активен играч имаше функција потпретседател на Асоцијацијата на професионални кошаркари во НБА. Во исто време, Шпанецот е еден од најтрофејните европски кошаркари на сите времиња, освои куп трофеи со својата репрезентација, како и две титули во НБА со Лос Анџелес Лејкерс.


