Една година подоцна од најавите, Кошаркарскиот клуб Дубаи ќе влезе во Евролигата и од сезоната 2025/26 ќе учествува во елитното натпреварување.
Информацијата денеска ја објави сопственикот на Виртус, Масимо Занети кој на прес-конференција откри дека се е договорено, клубот од Обединетите Арапски Емирати да стане член на Евролигата.
„Постојат многу приказни за НБА во моментов, но Евролигата останува најважно натпреварување. Многу луѓе ја гледаат Евролигата и ќе има многу шанси за неа, особено што од идната сезона таму ќе учествува Дубаи“, изјави Занети.
Приказната за Дубаи почна пред две години и беше планирано овој клуб од сезоната 2024/25 да влезе во Евролигата. Сепак, тоа се оддолжи, па Дубаи оваа сезона учествува во АБА лигата каде го собира потребното искуство, но и бележи одлични резултати бидејќи во моментов се наоѓа на третото место, со победа повеќе од Црвена Звезда. Меѓу другото, два пати ги победи „црвено-белите“ и еднаш Партизан, клубови кои се натпреваруваат во Евролигата што доволно зборува за амбициите и квалитетот на овој клуб.


