Анадолу Ефес ја продолжи победничката серија во Евролигата откако вечерва славеше на гостувањето кај Црвена Звезда со 97-96, по продолжение.
Турскиот тим можеше да ја заврши работата уште во основниот дел од мечот, водеше со седум разлика (85-78) на околу две минути пред крајот, но Звезда две тројки и кошот на Јаго дос Сантос во финишот се избори за продолжение. И во дополнителните пет минути Ефес го контролираше резултатот, имаше 97-91, ама домаќините и тогаш не се предадоа и дојдоа на чекор од пресврт и победа.
При негатива од 96-97, на Звезда ѝ останаа десетина секунди за последниот напад, Коди Милер Мекинтаер ја презеде одговорноста и шутираше со истекот на времето, но беше непревцизен и Ефес ја прослави победата која го однесе на петтото место, со реални шанси таму да остане и по последното коло бидејќи во него го пречекува отпишаниот Жалгирис.
Поради поразот на Олимпија Милано, познати се сите екипи што ќе учествуваат во разигрувањето, меѓу нив е и Црвена Звезда, но белградсксиот тим повеќе нема шанси за пласман во плејофот. Останува надежта за што повисоко место на табелата што би донело предност на домашен терен во плејинот, но во последното коло гостува кај Панатинаикос, додека Париз на домашен терен ја пречекува најслабата екипа во Евролигата – Алба.


