Најтрофејниот европски клуб Реал е последниот учесник во плејофот од Евролигата за оваа сезона и ќе се соочи со првопласираниот Олимпијакос.
Избраниците на Матео вечерва го совладаа Баерн во клучниот меч од плејинот и не дозволија уште еден кикс како оној од дуелот со Париз пред два дена. Тие го диктираа ритамот од стартот на мечот, никогаш не дозволувајќи му на Баерн да се врати и успеа да оствари рутинска победа. Тимот од Минхен беше ослабен со неиграњето на најдобриот играч Карсен Едвардс кој беше надвор од тимот поради повреда.

Најрасположен во редовите на Реал беше Марио Хезоња со 19 поени, седум скока и една асистенција, а го следеше Џанан Муса со 16 поени и пет скока. Двоцифрени беа и Алберто Абалде со 13 поени и три асистенции, Факундо Кампацо со 12 поени, четири скока и пет асистенции, како и Валтер Таварес со 10 поени и три скока.
Реал ќе влезе како аутсајдер во дуелот со Олимпијакос бидејќи грчкиот тим го освои првото место по основниоте дел од сезоната. Првите два натпревара се играат во Пиреја, пред серијата да се пресели во Мадрид, а се игра до три победи.


