Ненад Димитријевиќ минува низ тежок период во кариерата бидејќи последните недели не е во плановите на тренерот на Олимпија Милано, Еторе Месина и воопшто не се наоѓа во тимот.
Како резултат на тоа, почнаа шпекулации дека на крајот од оваа сезона ќе си замине од Италија и ќе се врати во Русија, но долгогодишниот функционер на Уникс, Евгениј Богачев тврди дека интерес за македонскиот репрезентативец имало и пред неколку недели. Пречка за негово враќање во клубот од Казан бил токму Месина.
„Ненад сака да игра, а ние се обидовме да го донесеме пред почетокот на плејофот, но Месина беше тврдоглав. Очигледно тој не ја сака Русија иако многу години со голем успех работеше овде. Ова што сега се случува со Ненад може да влијае на неговата натамошна кариера. Ќе видиме што ќе се случи претстојното лето“, рече Богачев кој очигледно многу го цени Димитријевиќ.
Месина работеше во Русија вкупно шест години, во два мандата, но во тимот на ЦСКА Москва која е еден од ривалите на Уникс. Димитријевиќ не се појавил во тимот на Олимпија Милано од 6 април кога неговиот тим играше против Реџо Емилија.


