Денеска официјално почна плејофот во Евролигата, а на првите два натпревара, победи славеа домашните екипи.
Париз му даде жесток отпор на фаворизираниот Фенербахче, ама не успеа да креира изненадување во првиот меч од серијата. Турскиот тим славеше со 83-78 во мечот кој беше драматичен до последните секунди. Париз имаше +6 во првата четвртина, во вториот период Фенербахче ја презеде контролата над резултатот, но во ниеден момент немаше предност која може да му гарантира победа. Во клучните моменти застана шутот на гостинските кошаркари, Ворд и Шортс промашија чисти шутеви и Фенербахче дојде до посакуваниот триумф.
Дури шестмина кошаркари на Фенербахче постигнаа двоцифрен број поени, најмногу Болдвин – 15. Париз имаше само тројца расположени играчи, Хифи кој постигна 21, Ворд 19 и Шортс 17 поени.
Подеднакво интересно беше во Атина каде Панатинаикос добро се испоти за да го победи поранешниот тим на својот тренер Ергин Атаман. На крајот беше 87-83, само благодарение на одличната последната четвртина откако пред крајот на третата, Анадолу Ефес водеше со 72-60. Нападот на Ефес се скрши во продолжение, ПАО одговори со серија од 12-0 за анулирање на негативата, а клучната тројка, за предност од 85-80 ја постигна Џеријан Грент на 30 секунди пред крајот.
Тотално потфрли Кендрик Нан иако постигна 15 поени бидејќи од игра шутираше 4/15, а имаше и четири загубени топки. Затоа се истакна Хуанчо Ернангомес кој го заврши натпреварот со 20 поени и 16 скока и оствари индекс 40. Ларкин и Поарие го предводеа Ефес со по 17 поени.


