Пред крајот на минатата недела, познат италијански инсајдер објави дека Олимпија Милано е заинтересирана за репрезентативецот на Македонија, Андреј Јакимовски.
Тоа не е големо чудо бидејќи и лани од редовите на италијанскиот првак постоеше интерес за нашиот кошаркар, со тоа што тогаш Јакимовски одлучи да остане уште една година во НЦАА. Главен приоритет за македонскиот репрезентативец е НБА драфтот и наскоро треба да се знае дали ќе се пријави на него, но секако стои опцијата за негово враќање во Италија.
Ако се одлучи за тоа, Јакимовски ќе има низа поволности во Италија и нема да зафаќа место за странски кошаркар. Во Евролигата тоа нема никакво значење, но секако има во домашното првенство каде е лимитиран бројот на играчи „од надвор“.
Причина за тоа е фактот што Јакимовски веќе играше во Италија во младинските категории, во екипите на Баскет Торино и Торино Баскет Пиемонте, пред да замине во САД. Условот е да има најмалку 56 одиграни натпревари во младинските лиги (14 по сезона), бројка која Јакимовски далеку ја надмина во периодот додека настапуваше таму, па дури играше и во пониските рангови во сениорска конкуренција.


