Анадолу Ефес го направи првиот брејк во четвртфиналето од Евролигата воопшто откако вечерва славеше во вториот меч против Панатинаикос со 79-76.
Турскиот тим заслужува честитки за прикажаното во ОАКА, но особено за карактерот бидејќи во втората четвртина имаше негатива од 15 разлика (17-32), а во последната влезе -10 (50-60). Во финалните 10 минути, сепак, направи голем пресврт и оствари исклучително важен триумф кој му дава шанси за пласман на завршниот турнир.
Херој на Ефес е Шејн Ларкин кој во финишот играше симултанка и ги постигна најбитните кошеви за својот тим. На нешто повеќе од две минути пред крајот, Панатинаикос водеше со 73-68, а Ефес го заврши мечот со серија од 11-3. Осум од 11. поени за турскиот тим постигна Ларкин, вклучувајќи една тројка од тешка позиција и клучните слободни фрлања кога домаќините се доближија на 76-77. Американецот го заврши натпреварот со 20 поени и индекс 27, но голем придонес за победата имаше и Венсан Поарие кој реализира 16 поени и 10 скока.
Серијата сега се сели во Истанбул каде Анадолу Ефес има шанса, со евентуални две победи, да обезбеди пласман на завршниот турнир во Абу Даби.


