Минатата недела се одржа премиерата на филмот „Пионери“ кој зборува за кошаркарските кариери на двајцата великани, Литванецот Шарунас Марчулионис и Украинецот Александер Волков.
Тие беа меѓу првите кошаркари од СССР кои заминаа во НБА и го отворија патот за останатите, а притоа станаа легенди на европската и светска кошарка. Марчулионис по тој повод гостуваше во еден поткаст каде зборуваше за искуствата во кариерата, но се отвори и темата за Европското првенство во Атина во 1995 година.
Тоа е оној контроверзен шампионат, прв по војната во поранешна Југославија кој го одбележа финалето меѓу Србија и Литванија, а по кое, од подиумот се симна репрезентацијата на Хрватска. Финалниот меч, во кој се сретнаа Литванија и СР Југославија помина во голема тензија, Литванците во еден момент се повлекоа, незадоволни од судиските одлуки, но потоа се вратија на теренот и загубија со 90-96. Марчулионис тврди дека плановите на тогашниот Генерален секретар на ФИБА, Борислав Станковиќ биле поинакви.
„Три децении молчев, сега можам да кажам бидејќи рокот за простување истече. Можете да видите како валкано играше Савиќ и како Арвидас (Сабонис н.з.) полуде. По 30 години, можеме да кажем дека сценариото не беше обакво како што го замислуваше Станковиќ, во финалето да се сретнат СР Југославија и Хрватска. Нас никој не не очекуваше. Требаше тоа да биде борба меѓу Србите и Хрватите“, рече Марчулионис кој одбива да признае дека тоа е само теорија на завера со образложение дека тој бил присутен и знае што се случувало.
Тој тогаш одигра одличен натпревар, постигна 32 поена, но остана во сенка на Александар Ѓорѓевиќ кој реализира 41 поен, вклучувајќи девет тројки.


