Грчкиот вицешампион Олимпијакос има водство од 2-0 во серијата против Реал откако вечерва славеше и на вториот меч на домашен терен, со 77-71.
На тимот од Пиреја му е потребен уште еден триумф за да се пласира на Ф4, но прашање е дали некој смее да го отпише Реал кој во слична, па дури и полоша ситуација се наоѓаше и пред две години против Партизан, па успеа да се спаси и подоцна да ја освои титулата во Евролигата. Вечерва мадридскиот тим играше многу подобро отколку на првиот меч, водеше и со 10 разлика по првата четвртина, но не успеа да одржи континуитет, што е проблем за овој тим цела сезона.
Во вториот период Олимпијакос успеа да ја анулира негативата на крилјата на Милутинов и Петерс, на полувреме беше израмнето, а клучната предност грчкиот тим ја направи меѓу третата и последната четвртина кога направи серија од 14-0.
Во последните две минути, по неколку кошеви во серија на Хезоња, Реал се доближи на само три поени разлика, но Петерс и Вилијамс Гос постигнаа по една тројка и Олимпијакос отиде на недостижни 73-64.
Везенков беше лидер на победничкиот тим со 22 поена, исто колку што кај Реал постигна Хезоња. Третиот меч се игра во Мадрид на 29 април, евентуалниот четврти е два дена подоцна, а ако биде потребна „мајсторка“, домаќин ќе биде Олимпијакос на 6 мај.


