На четири кола пред крајот на плејаутот, поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш математички го обезбеди опстанокот во Првата македонска кошаркарска лига.
Попладнево, кавадарчани го совладаа Гостивар на домашен терен со 96-74 и создадоа недостижна предност во однос на ривалите. Интересно е тоа што Тиквеш славеше убедливо, а по десет минути игра губеше со дури 12 поени разлика (17-29). Следните три четвртини му припаднаа на домашниот тим со 79-45.
Хил со 21 поен беше најефикасен кај Тиквеш, но се истакна и Глигоријевиќ со 17 поени и 11 скока. Во гостинскиот тим, Елис постигна 28 поени, а гостиварци ги очекува тешка борба за опстанок со екипата на Шкупи.


