До 2021 година, НЦАА строго се држеше до принципите на аматеризмот и не дозволуваше какво било плаќање на кошаркарите кои настапуваа во нејзините рамки.
Имаше неморални работи, некои универзитети мораа да платат високи отштети и казни, но пред четири години НЦАА под голем притисок донесе одлука, играчите да можат да заработуваат од своите спонзори, од социјалните мрежи и други комерцијални активности. Тоа беше прв чекор кон масовно привлекување на млади европски кошаркари на американските универзитети бидејќи во Европа тие не можеа да ги заработат тие пари како во САД.
Сепак, вистинскиот егзодус и тоа на оние најталентираните би требало да почне претстојното лето. Во мај минатата година беше постигната спогодба според која универзитетите од идната сезона ќе можат директно да ги плаќаат своите кошаркари и ќе можат да имаат буџет до 20,5 милиони евра.
Ова значи дека кошаркари по 18-19-20 години би можеле во НЦАА да заработуваат над половина милион долари по сезона, сума која нема шанси да ја достигнат во Европа, особено поради тоа што европските клубови ретко им даваат шанса на млади играчи.
„Ситуацијата е таква што колеџите ќе ги соберат најдобрите 100-200 кошаркари од Европа. Значи, останува некоја трета, четврта, петта гарнитура млади играчи кои веројатно не се подготвени да играат ни АБА, а не Евролига“, вели еден од најпознатите европски менаџери Мишко Ражнатовиќ.
Засега нема изгледи дека нешто би можело да се смени во Евролигата бидејќи европската кошарка е тотално финансиски неисплатлива. Најдобар доказ за тоа е фактот што шампионот во ова натпреварување како награда добива помалку од два милиона евра, сума која не е доволна ни за едномесечна егзистенција на клубот. Затоа и не е чудо што во неа доминираат 30-годишни Американци кои не можат да се пробијат во НБА, додека младите кошаркари ретко добиваат шанса.


