Неполн месец по Александар Јончевски, од Полска си замина и вториот македонски стручњак – Никола Василев.
Тој повеќе не е тренер на Арка откако раководството на клубот одлучи да ја прекине соработката со него, по серијата лоши резултати. Тимот од Гдиња е во серија од четири порази по кои се најде на претпоследната позиција на табелата со идентичен биланс како последнопласираниот Старгард, на две кола пред крајот на основниот дел од сезоната. Капак беше убедливиот пораз од Легија во последното коло кој го запали алармот во клубот бидејќи сега во прашање е доведен и опстанокот во елитната конкуренција.
Василев ја презеде Арка на 12 ноември од Артур Гронек и ја водеше на вкупно 22 меча. Неговиот биланс во овој, безмалку шестмесечен период е 8/14.
На негово место е поставен досегашниот асистент Бартош Сарзало кој ќе ја води екипата на последните два натпревара и ќе се обиде да обезбеди опстанок во Првата лига на Полска.


