По пауза од четири години, Реал Мадрид нема да учествува на заваршниот турнир од Евролигата откако вечерва е елиминиран од Олимпијакос во четвртфиналето од елитното натпреварување.
Грчкиот тим славеше во Мадрид со 86-84 и со вкупно 3-1 обезбеди пласман на Ф4, како втор кому му успеа тоа, по Фенербахче. Токму овие две екипи и ќе се сретнат во полуфиналето, на 23 мај во Абу Даби.
Денешниот меч беше и најдраматичен од сите во серијата бидејќи се решаваше во последните секунди, а Олимпијакос дозволи неговата победа да биде загрозена во финишот. Откако Реал доминираше во првото полувреме и на голем одмор замина со +5 (47-42), Грците заиграа многу подобро во вториот дел и во последната четвртина поведоа со дури 15 поени разлика (82-67). Се чинеше дека Реал е скршен, но „кралевите“ направија серија од 11-0 и се доближија на само -4. Многу важна тројка, на околу две минути пред крајот постигна Везенков за 85-78, но и тука не беше крајот на овој драматичен меч.
Реал искористи неколку напади, со добра игра во одбраната го принуди противникот на загубени топки и се доближи на 84-85 на 14 секунди пред крајот. Во следниот напад Фурние беше фаулиран, но погоди само едно слободно фрлање, па домаќините ја имаа последната акција. Матео немаше тајмаут, топката дојде до Абалде кој се обиде за тројка и беше непрецизен, па Олимпијакос можеше да почне со славјето.
Фурние беше најефикасен со 23 поени, додека Хезоња постигна 21 за Реал. Ова е и крај на очајната сезона во Евролигата за мадридскиот тим кој се мачеше уште од почетокот, мораше да игра плејин и во ниеден момент не изгледаше како екипа која е способна да се бори за пехарот. Олимпијакос во Абу Даби ќе се бори за четвртата титула во својата историја, но прва по пауза од 12 години.


