Актуелниот европски шампион Панатинаикос е последен учесник на завршниот турнир од Евролигата и во Абу Даби за две недели ќе ја брани титулата освоена лани во Берлин.
Во „мајсторката“ против Анадолу Ефес, атинскиот тим славеше со 71-64 и слично како лани против Макаби, со вкупни 3-2 оди на Ф4. Панатинаикос одлично стартуваше, но во третата и последната четвртина си ја искомплицира ситуацијата, дозволи противникот да се врати во игра и да го направи финишот драматичен.
На средина од вториот период, „детелинките“ водеа со 31-11 и се чинеше дека работата е завршена. Анадолу Ефес не се предаде, ја стегна одбраната и по серијата од 8-0 се доближи на само 44-47 и да не беа големиот број промашени слободни фрлања, веројатно ќе успееше да го сврти резултатот во своја корист. Во последниот период Ефес пак беше блиску, на 53-57, но ПАО потоа направи серија од 6-0 и отиде на двоцифрена предност која се покажа доволна за триумф.
Апсолутен херој на натпреварот беше охриѓанецот Џеди Осман кој го одоигра најдобриот натпревар откако стана член на Панатинаикос. За 30 минути во игра, турскиот репрезентативец постигна 28 поени со четири тројки од седум шута, плус осум скока, за индекс 32, убедливо највисок на мечот.
Во полуфиналето во Абу Даби, Панатинаикос ќе се сретне со Фенербахче, исто како и лани кога ја освои шампионската титула.


