Неколку месеци се зборува за можниот влез на НБА во европската кошарка и иако клубовите од Стариот континент, а пред се челниците на Евролигата тврдат дека нема шанси тоа да се случи, менаџерите се сигурни дека почетокот на новото натпреварување е поблиску од кога било порано.
Кошаркарскиот агент Миња Илиќ вели дека подготовките се при крај и дека НБА Европа ќе почне да функционира идната година.
„Не се луди во НБА, почувствувале дека можат да профитираат. Повторно ќе имаме уште еден налет на Американците, имам информација дека НБА Европа, како лига, ќе биде формирана за сезоната 2026/27, ќе брои 10-12 екипи, ќе ги спонзорира НБА и буџетите на клубовите ќе бидат меѓу 200 и 300 милиони евра. На пазарот е тотален хаос во моментов, Европа нема сили да се бори“, тврди Илиќ.
Иако нуди возбудувања и голема неизвесност, особено кога станува збор за Евролигата, европската кошарка во моментов е апсолутно непрофитабилна за клубовите. Шампионот на Евролигата како бонус добива помалку од два милиона евра, а буџетите на клубовите не надминуваат 50 милиони колку што, на пример, заработуваат некои од најдобрите фудбалери во Европа.


