Центарот на Венеција, Мфионду Кабенгеле најверојатно ќе биде првото засилување за Реал Мадрид за новата сезона.
Станува збор за канадски интернационалец кој игра одлична сезона во првенството на Италија каде просечно постигнува по 14,8 поени и 9,7 скока по натпревар. Висок е 208 сантиметри, а има и НБА искуство, во екипите на Клиперс, Кливленд и Бостон за кои одиграл вкупно 55 натпревари.
Кај Кабенгеле, сепак, најинтересно е неговото потекло. Тој е роден во Канада, но неговите родители се од Демократска Република Конго. Од страната на мајка му, негов вујко е славниот конгоански кошаркар Дикембе Мутомбо кој остави длабока трага во НБА лигата каде помина вкупно 18 сезони.
Одличните игри оваа сезона придонесоа интерес за Кабенгеле да има и од други клубови, но се чини дека Реал ќе успее во својата намера да го донесе кај себе. „Кралскиот клуб“ подготвува голем ремонт во текот на летото, многу веројатно ќе си оди Ибака, па Канаѓанецот треба да биде замена за него.


