Израелскиот прволигаш Хапоел Тел Авив е најновиот „странски“ тим кој посака идната сезона да заигра во АБА лигата.
Како што е познато, клубови од Австрија, Романија и Обединетите Арапски Емирати веќе изразија интерес да настапат во регионалното натпреварување кое повторно почна да се шири со влезот на Дубаи минатата година. Хапоел има високи европски амбиции, сезонава ја освои титулата во Еврокупот и од есен ќе настапува во Евролигата што дополнително ќе го крене квалитетот на АБА лигата бидејќи од елитното европско натпреварување, таму ќе учествуваат и Партизан, Црвена Звезда и Дубаи. Сепак, сопственикот Офер Јанај има еден услов за почеток на преговори.
„Ја разгледуваме можноста за учество во АБА лигата, но имаме услов – своите натпревари како домаќини да ги играме во Тел Авив“, порача Јанај.
Според израелските медиуми, АБА покажала интерес за соработка и се очекува во следниот период да почнат преговорите.


