Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс имаше одлична сезона во Евролигата, како резултат на што го привлече интересот од најдобрите европски клубови.
Шпекулации во врска со неговата иднина има веќе неколку месеци, но техничкиот директор на Панатинаикос, Сани Бечировиќ е прв кој призна дека до него е доставена официјална понуда и во моментов се чека одговорот.
„Има многу заинтересирани клубови, не сме само ние. Тој е тип на кошаркар каков што сите сакаат, а ние имавме можност да му го претставиме нашиот план, да разговараме и очекуваме што ќе одлучи“, изјави Бечировиќ.
И покрај големиот интерес од сите страни, Ти Џеј Шортс ќе го почека крајот на сезоната за да ја донесе конечната одлука за тоа каде ќе ја продолжи кариерата. Во моментов е фокусиран на својот тим Париз кој во вторник го почнува плејофот од француското првенство откако основниот дел од сезоната го заврши на првото место на табелата.


