Ништо не се менува во Евролигата со текот на годините, па не е чудо што елитното кошаркарско натпреварување е на работ на егзистенцијата затоа што на пазарот влегуваат покрупни „риби“ со поголем капитал.
Фенербахче вчера стана европски шампион, ама освен големата чест и радоста за успехот, нема да добие ништо повеќе. Наградата за титулата во Евролигата изнесува бедни 1,8 милиони евра што не е ни 5% од буџетот на клубот за оваа сезона. Ако се оди малку подалеку, толкава плата заработуваат просечни, па и потпросечни фудбалери и затоа не е изненадување што европската кошарка е далеку од НБА.
Колку е смешна оваа сума, најдобро зборува фактот што најкорисниот играч на завршниот турнир од Евролигата има годишна плата од 2,2 милиона евра што значи дека со наградата, Фенербахче не може ни него да го покрие финансиски. Од овие причини, извесно е дека од 2026 година ќе се сменат некои работи и дел од клубовите кои сега настапуваат во Евролигата, многу веројатно ќе се префрлат во други натпреварувања, вклучувајќи ја и НБА Европа.
Монако за второто место доби точно еден милион евра, Олимпијакос за третото е награден со 850 илјади, а Панатинаикос со 770 илјади евра.


