Ако воопшто постоеја дилеми, од денеска не постојат бидејќи претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Словенија, Матеј Ерјавец изјави дека Лука Дончиќ го потврди својот настап на претстојното Европско првенство.
За новиот кошаркар на Лејкерс сезоната во НБА заврши пред речиси еден месец и не постојат пречки тој повторно да ја предводи својата репрезентација на континентален настап.
„Тој ни е постојано достапен, но ако некој треба официјално да го знае неговиот став, еве сега го имаме. Лука Дончиќ ќе игра на Европското првенство и тоа за мене не е никакво изненадување. Дури се чудам што редовно го добива тоа прашање на прес-конференциите, јас да сум на негово место не би ни одговорил“, рече Ерјавец во телевизиско интервју.
Тој додаде дека Лејкерс не правеле никакви проблеми и дури ќе испратат еден свој тренер да биде постојано со Дончиќ за време на подготовките и на Еуробаскетот, како што тоа беше случај со Далас Маверикс. Од друга страна, постои загриженост за состојбата на Џош Нибо кој долго време беше повреден и не е исклучено словенечката репрезентација да натурализира нов кошаркар, веројатно на центарската позиција.


