Зголемувањето на бројот на учесници во Евролигата од 18 на 20, дополнително ќе го зголеми и бројот на натпревари на екипите кои играат во елитното натпреварување.
Место 34, ќе има 38 кола, а поради малиот временски простор, ќе има повеќе „ѓаволски“ недели (недели со по две кола во Евролигата). Бројот ќе се зголеми од осум на десет такви недели, а тоа ќе доведе до пеколен ритам, меѓу другото и затоа што екипите од Европа ќе имаат и едно гостување во Дубаи.
Со оглед на тоа што најголем дел од лигите низ Европа имаат по 18 екипи, тоа значи дека само во основниот дел, евролигашите ќе одиграат по 72 натпревара. Покрај нив, тука е една рунда во плејофот и завршниот турнир во Евролигата, потоа домашниот плејоф и завршните турнири од националните купови каде исто така во најголем број земји учествуваат по осум екипи што значи дека се играат три фази. Сето тоа дава бројка од над 90 натпревари во сезоната.
Сето тоа треба да се вклопи во период од 8-9 месеци, а пред почетокот на сезоната има и Европско првенство. Некој ќе направи споредба со НБА каде се игра на два дена и во основниот дел екипите имаат 82 натпреварА во период од половина година, но приходите на играчите таму и во европската кошарка се „небо и земја“.


