Шампионот Панатинаикос славеше убедлива победа против својот најголем ривал во првиот меч од финалната серија во грчкото првенство.
ПАО триумфираше со 80-68, демонстрирајќи одлична игра и во нападот во одбраната, а со победата уште повеќе се доближи до двојната круна во домашната кошарка. На ниво беше Кендрик Нан, но се разигра и Џеријан Грант кој на крајот беше најефикасен во својот тим со 17 поени.
Бековите беа најлошиот дел од тимот на Олимпијакос, особено во првото полувреме во кое заедно постигнаа едвај четири поени со шут од игра 3/12. Доминацијата во скокот беше делот што го одржуваше во игра тимот од Пиреја, но јасно беше дека така нема да може да се добие овој меч бидејќи некој мораше да постигнува поени.
На своето ниво беше Везенков кој оствари дабл дабл со 20 поени и 10 скока, Фал имаше 15 поени и 7 скока, но разочара Никола Милутинов кој остана без поени. Вториот меч од финалната серија се игра на теренот на Олимпијакос, в недела од 20 часот.


