Финалната серија од грчкиот кошаркарски плејоф, меѓу лутите ривали Панатинаикос и Олимпијакос е ставена во мирување по синоќешните немири во арената „Мир и пријателство“ во Пиреја.
Ситуацијата е доведена до точка на вриење, двете страни се однесуваат како крвни непријатели, па одлуката за прекин ја донесе директно Владата на Грција. На тоа инсистираше премиерот Мицотакис, а министерот за просвета, Јанис Врутсис за 5 јуни закажа состанок на кој се повикани сопствениците на двата клуба, Димитрис Јанакопулос и браќата Ангелопулос.
Ако тие не дадат гаранции за продолжување на финалето во регуларни услови, шампионатот дефинитивно ќе биде прекинат што во моментов е и нејизвесно сценарио.
„Ќе видиме што имаат да кажат, но ако не дадат експлицитни гаранции дека ситуацијата ќе се смири, шампионатот трајно се прекинува“, рече Врутсис.
Во таков случај, сезонава во грчката кошарка ќе заврши без шампион што ќе биде преседан во Европа, веројатно и во светот. Такво нешто во Грција не се случи ни во периодот на корона пандемијата, во 2020 година кога оваа држава беше меѓу ретките кои го довршија националното првенство.


