Италија ќе добие нов кошаркарски шампион бидејќи денеска официјално заврши тригодишната доминација на Олимпија Милано.
Бранителот на титулата е елиминиран од Виртус со 3-1 и со тоа е ставен крај на кошмарната сезона и на Олимпија Милано и на Ненад Димитријевиќ. Македонскиот репрезентативец не беше во тимот последните два месеца поради одлука на тренерот Еторе Месина, но ако Олимпија Милано освоеше титула, медал ќе му припаднеше и нему бидејќи претходно играше стандардно и имаше голем придонес во резултатите на тимот. Олимпија сезонава ја завршува без трофеј, ако не се смета тој од Суперкупот кој беше освоен поради успесите од лани, загуби од Тренто во финалето на Купот, а во Евролигата не успеа да стигне до плејофот, освојувајќи го 11. место на крајот од основниот дел.
Вечерва Виртус славеше со 84-78, па во финалето ќе се сретне со Бреша која со 3-0 го еоиминира Трапани. Тимот од Болоња играше без Вил Клајбурн и Акиле Полонара, но го имаше фантастичниот Торнике Шенгелија кој е решен со титула да се пресели во Барселона, па вечерва постигна 25 поени и 10 скока.
За разлика од него, Миротиќ ќе си замине од Олимпија Милано без трофеј и покрај тоа што вечерва постигна 30 поени. Многу веројатно идната сезона во друг дрес ќе го гледаме и Димитријевиќ, особено ако Месина остане на клупата на тимот од Милано.


