Барселона вчера официјално ја заврши оваа сезона откако доживеа елиминација од Уникаха во четвртфиналето од шпанскиот плејоф.
„Каталонците“ повторно не успеаја да освојат ништо, а најголем успех е плејофот во Евролигата каде тимот беше елиминиран од Монако. Тоа е далеку од амбициите на Барселона, но за разлика од минатата сезона, кога исто така не беше освоен трофеј, клубот сега нема да го менува тренерот. Генералниот менаџер Хуан Карлос Наваро објави дека му верува на Жоан Пењароја и тој ќе остане на клупата до истекот на договорот кој е со важност до 2026 година.
„Да бидам јасен, Жоан заврши одлична работа, а ние веќе работиме на некои засилувања за идната сезона. Оваа беше тешка, но напредокот кој го имаа играчите од февруари наваму е за пофалба“, рече Наваро.
Барселона успеа да задржи дел од играчите, а нови засилувања треба да бидат Шенгелија од Виртус и Кејл од Тренто.


