Српскиот репрезентативен плејмејкер Алекса Аврамовиќ денеска го одигра својот последен натпревар во дресот на ЦСКА.
По само една сезона, тој си заминува од московскиот клуб, а по освојувањето на титулата во ВТБ лигата, самиот објави каде ја продолжува играчката кариера.
„Веќе потпишав договор со Дубаи за идната сезона. Тешко ми е, неколку недели размислував за понудата од Дубаи и заедно со менаџментот на ЦСКА, одлучив да ја прифатам. Сакам да им порачам на навивачите на ЦСКА дека и покрај тоа што екипата не игра во Евролигата, има одлични кошаркари“, изјави Аврамовиќ.
Тој потпиша со ЦСКА минатото лето, непосредно по завршувањето на Олимписките игри во Париз. Потписот со Дубаи значи дека се враќа во Евролигата имајќи предвид дека клубот од Обединетите Арапски Емирати идната сезона ќе дебитира во елитното кошаркарско натпреварување.


