Францускиот вицешампион Париз ја заврши дебитантската, фантастична сезона во Евролигата откако вечерва загуби од Фенербахче и во третиот натпревар.
Првакот на Турција славеше по продолжение со 98-88 и со вкупни 3-0 обезбеди пласман на завршниот турнир во Абу Даби. Париз имаше шанса да ја продолжи серијата, се наоѓаше во водство во последната четвртина, а направи и херојски пресврт бидејќи во последните две минути од основниот дел надополни -7 и се избори за продолжение.
Сепак, во дополнителните пет минути до израз дојде искуството на Фенербахче, предводен од Биберовиќ, турскиот тим отвори со осум поени во низа и конечно го скрши отпорот на Париз.
За крај, Ти Џеј Шортс одигра уште еден извонреден меч и беше убедливо најефикасен со 29 поени иако со релативно лош шут од игра (13/26). Во полуфиналето, Фенербахче ќе игра со победникот од серијата меѓу Олимпијакос и Реал.


