Којзнае какви ќе беа последните две сезони за Партизан ако во 2023 година успеале плановите за засилувања кои ги правеле стручниот штаб и менаџментот на клубот.
Познато е дека преклани, во последен момент, Партизан остана без Никола Миротиќ кој беше цел број 1, но испуштен бил уште еден играч кој сега е меѓу најдобрите во европската кошарка. Станува збор за Кендрик Нан, актуелниот играч на Панатинаикос кој тогаш ја напушташе НБА и се селеше во Европа.
Обрадовиќ сакал да го донесе во својот тим, биле воспоставени и контакти, но зделката пропаднала, како и онаа со Миротиќ.
„Ме контактираше Партизан неколку пати тоа лето, дури и еден од моите тренери во Мајами ми зборуваше дека треба да отидам таму затоа што тоа е одлична средина за мене. Беше близок со некого од клубот, не се сеќавам со кого и навистина инсистираше да одам во Белград. На крајот, сепак, одлучив поинаку и тоа е тоа. Задоволен сум таму каде што сум.
Морав да ги согледам сите аспекти, проценив дека Панатинаикос е подобра опција, пред се поради стилот на игра и тоа што тренерот Атаман им дава голема слобода на играчите. Во ПАО е таква ситуацијата во составот што проценив дека можам најмногу да помогнам“, рече Нан.
За волја на вистината, голема улога одигра и финансискиот момент бидејќи Панатинаикос понуди два милиона евра за таа сезона во која Нан дојде во тимот пред крајот на октомври. Партизан не можел толку да понуди, а во тој момент на бековските позиции ги имаше Пи Џеј Доузер, Алекса Аврамовиќ, Кевин Пантер и Огњен Јарамаз.


