Иако неколку пати во текот на сезоната се шпекулираше со вакво сценарио, Алба денеска официјално соопшти дека ја напушта Евролигата.
Германскиот клуб беше дел од оваа организација од нејзиното формирање, некогаш како член на Еврокупот, а некогаш на Евролига. Последните три сезони беше далеку од своето реноме и најчесто на дното на табелата, но само поради тоа што не отстапи од својата филозофија да не купува скапи ѕвезди, туку да промовира млади кошаркари, претежно од Германија.
Место во Евролигата, Алба од идната сезона ќе се натпреварува во системот на ФИБА, поточно во Лигата на шампионите. Германскиот клуб беше член на ФИБА 11 години во минатото, а најголемиот успех го оствари во 1995 кога го освои трофејот во Купот „Радивој Кораќ“.
Одлуката да ја напушти Евролига веројатно ќе има последици по Алба во однос на составот со кој ќе игра идната сезона, но на долг рок може да донесе привилегии бидејќи како клуб од главниот град на Германија, секако е во комбинациите на НБА која најави влегување во европската кошарка.


