Лука Дончиќ е еден од најдобрите светски кошаркари во моментов и меѓу најголемите ѕвезди во НБА, но за неговиот татко, тој уште не може да се спореди со легендарниот Дражен Петровиќ.
Хрватските новинари го прашаа каде би го сместил Лука во моментов, а Саша Дончиќ имаше мошне квалитетен одговор.
„Дражен, сепак, е Дражен. Тој е легенда, Лука е уште далеку од тоа, но мислам дека е на добар пат. Не би ги споредувал, секој во своето време е меѓу најдобрите. Мене ми е драго што некој од Европа покажува дека кај нас и порано и сега се игра добра кошарка“, рече постариот Дончиќ.
Дражен Петровиќ беше меѓу најдобрите европски кошаркари пред неговата трагична смрт, но играше во едно друго време, кога играчите од „стариот континент“ не можеа премногу да се истакнат во НБА. Со Дончиќ ситуацијата е поинаква, сега европејците доминираат во најсилната светска кошаркарска лига, а тој веќе седум години е меѓу најдобрите.


