Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ го пропушти и вториот натпревар во низа во Евролигата откако вечерва не настапи на дуелот против Басконија.
Шампионот на Италија славеше со 111-89 во ревијалниот меч кој немаше резултатско значење за ниедна од екипите. Изненади отсуството на Димитријевиќ бидејќи тој не се наоѓаше на листата на повредени играчи.
По натпреварот, тренерот Еторе Месина не се осврна многу на таа тема и само кратко искоментира дека неиграњето на македонскиот плејмејкер е негова техничка одлука. Димитријевиќ последен пат настапи во Евролигата на 27 март против Барселона и тогаш на теренот помина само две минути, остварувајќи индекс -3.
Дебитантската сезона во елитното натпреварување ја завршува со 27 одиграни средби на кои оствари просек од 7,6 поени, 2,9 асистенции и 1,6 скока со индекс 6,5. Дали и наесен ќе учествува во Евролигата или ќе се врати во Русија, веројатно ќе се знае летоска.


